Репортажа Куба

 

 

 

Реализирано патување за Куба со Елит Травел

04.11.2019 – 14.11.2019

Вистинска чест и задоволство ни е да Ви го претставиме нашето патување за Куба, една од најавтентичните земји во светот.

Од Скопје полетавме кон Истанбул, а оттаму по 14 часовен лет слетавме на аеродромот  José Martí во Хавана, главниот град на Куба. Се сместивме во хотелот  “Habana Libre”,  во центарот на Хавана  кој е во синџирот на хотелите “Hilton”. Овој хотел е познат по апартманот на 23 спрат во кој престојувал Фидел Кастро и има прекрасен поглед кон Атланскиот Океан. Овој апартман се чува како национално богатство и е секогаш многу посетен од туристите. Во хотелот има и локален водич кој ги дава сите неопходни информации. Хавана оваа година слави 500 години од основањето на Куба.

Хавана има многу знаменитости, кои вреди да се посетат.  “El Malecon” е широко и големо шеталиште кое се протега долж брегот на Хавана и е едно од најавтентичните и најпознатите шеталишта на Куба. Овде може да се види и доживее едно од најубавите зајдисонца што островот може да ги понуди. Архитектурата на “El Malecon” е нешто извонредно, во овој дел се лоцирани згради кои постапно се обновуваат. Зградата  “National Capitol” е една од најпознатите симболи на Хавана. Се наоѓа во центарот на Хавана и е копија од онаа во Вашингтон, со тоа што е повисока и поширока за еден метар и побогата во детали.  “National Capitol” во Куба е прогласен за национален споменик во 2010 година.

Патувањето во Хавана не може да се замисли без возење со олдтајмер во старата Хавана. Тоа се прекрасно сочувани шевролети а љубезните Кубанци раскажуваат за нивната историја. Возејќи се со овие атрактивни автомобили го посетивме “El Capitolio” прекрасниот театар кој е еден од најдобрите на континентот познат по неговата елеганција, удобност и значителна техничка подготвеност. Во близина е и зградата на “Bacardi”, позната е по тоа што го користи статусот на Куба како најголем производител и на шеќер, а со тоа и на рум лансирајќи го она што на крајот ќе стане можеби најпрепознатливиот бренд во светот – румот. 12 катната зграда на “Bacardi” била првиот облакодер на Хавана и со децении била највисоката зграда и една од нејзините главни обележја.

На неколку метри од “Bacardi” се наоѓа прекрасен рибен ресторан и коктел бар “Floridita“ неизбежно место за посета на секој турист каде се дегустира омилениот пијалок на Ернест Хемингвеј “Daiquiri” или како што Кубанците сакаат да го кажат “п”витамин. Има одлична атмосфера со типична кубанска музика а во барот се наоѓа и статуата на Ернест Хемингвеј како потсетник на времето во кое тој тука престојувал. Недалеку од “Floridita“ се наоѓа познатиот локал “La Bodeguita del Medio“, каде Хемингвеј го пиел најомилениот пијалок “mojito” а го дегустиравме и традиционалното јадење на Куба “Ropa Vieja” кое било омилено и на Хемингвеј.Во близина на овој локал е плоштадот “Cathedral”. Овој отворен простор е едноставно величествен со својата импозантна катедрала и згради во барокен стил и е едно од најубавите места во стара Хавана.Пред многу векови на ова место живееле најпознатите аристократи и трговци. Ова било едно од најелегантните места во Хавана каде се одржувале важни верски церемонии и слави. Целата оваа прошетка низ старите улички на Хавана беше пропратена со ритамот и танцот на кубанската музика. Овде е срцето и пулсот на стара Хавана каде коктелите со рум се пијат наместо кафе, од мештаните се нудат пурите наместо цигари кои секогаш повикуваат на танц, и се одлично расположени да Ви го покажат ритамот на музиката.

Возењето со старите олдтајмери продолжи во градот Casablanca преку заливот од стара Хавана. Патот водеше низ канал, влеговме во тунел кој е 14 метри под нивото на океанот и се упативме кон познатата статуа заштитник на Casablanca  – Christos од Хавана за кого Кубанците раскажуваат дека во едната рака држи  “mojito” а во другата пура, нивното кубанско обележје. Уметникот ги оставил очите на статуата празни за да изгледа како Christos да ги гледа сите од сите агли. Посетата на Куба не може да се замисли без прошетка на полињата со тутун. Кубанците таму ни открија како се одгледуваат и класифицираат лисјата на тутунот, како се прават пурите неизбежни за секоја прослава. Тие се тркалаат, притиснуваат, украсуваат и завиткуваат. Неизбежно е посетата да се заврши во продажниот дел каде можат да се купат познатите кубански пури  “Monte Cristo”, “Romeo y Julieta” како и да се пробаат истите, дегустиравме и сок од шеќерна трска и најубавото кубанско кафе набрано и свежо мелено од самите плантажи од оваа област.

По целодневната тура на плантажите на тутун заминавме на ручек во еден прекрасен национален ресторан со поглед на мурали, слушавме прекрасна музика, ја пиевме и најубавата “пиноколада” и јадевме од нивните специјалитети кои се зачинети со многу егзотично овошје. Турата продолжи со посета на пештерата со прекрасни сталагмити и сталактити во прекрасни форми на тутун, алигатори, риби… Се возевме низ пештерата со чамци и излеговме од спротивната страна каде имаше прекрасен пејсаж со богата бујна вегетација. Ноќните часови ги исполнувавме со посета на прекрасни ноќни клубови и уживавме во музиката, танцот и коктелите од бел рум.

По посетата на Тропикана заминавме за Варадеро, најпознатото летувалиште на Куба. Таму Ве пречекуваат белите бисерно песочни плажи, тиркизна чиста вода на Атланскиот океан кој беше многу топол и мирен. Ресортот во кој престојувавме “Sol Palmeras” ни ги овозможи сите нешта кои можете да си ги замислите. Базени, теретана, многу ресторани за кои веднаш резервиравме посети и уживавме секоја вечер, Национален ресторан, Мексички, Кинески, Италијански.

Бевме и на шоуто на Тропикана Кабаре кое никако не смеете да го пропуштите. Врвни уметници, професионалци во својата работа, во мјузиклот ги покажаа своите уметнички способности во пеење и играње, а гламурот кој заслепува е на сцената, мирисот на пурите и коктелите допринесуваат да се чувствувате уште поубаво. Незаборавно патување кое во придружба на прекрасни пријатели со кои патувавме направија престојот во Куба да биде едно незаборавно доживување.

Благодарност до авторот на текстот кој е редовен клиент на Елит Травел.