Пирамидата на успехот на една жена ја гради балансот меѓу приватното и професионалното

Интервју со Слаѓана Стаменкова,генерален менаџер на туристичката агенција ЕЛИТ ТРАВЕЛ, застапник на шпанскиот тур-оператор „Хотелбедс ТУИ“, глобален агенциски систем за резервирање на хотелско сместување секаде во светот, но и агенција која нуди крстосувања со најдобрите светски бродски компании околу Медитеранот, фјордовите, Карипските Острови

МАРИЛИ: Туристичката агенција ЕЛИТ ТРАВЕЛ претставува туристички сервис што нуди услуги од дејноста туризам, но и од авиопревозот. Што може да добијат вљубениците во патувањата во Вашата агенција?
СТАМЕНКОВА: Како туристичка агенција ЕЛИТ ТРАВЕЛ буквално го опфаќа секој дел од тоа што претставуваат туристичките услуги. Пред сѐ, ние го издвојуваме продавањето авионски билети за која било дестинација во светот и за подалечните патувања. Но нашите клиенти може да добијат секаква услуга, на пример, комплетно организирање пакет-аранжмани за која било дестинација (летни или зимски), организирање само на авиотрансфер, услуга за посредување за визи, организирање „Тим билдинзи“, конгреси, саеми, како и организирање училишни екскурзии.

МАРИЛИ: Во Македонија постојат многу туристички агенции, но не може сите да се пофалат дека работат успешно. Што е потребно за да биде успешна една агенција?
СТАМЕНКОВА: Успехот на една туристичка агенција го гради нејзиниот тим со многу работа и труд во текот на цела година. Ние ја гледаме нашата успешност во задоволството на нашите клиенти, во признанијата што ни ги даваат и со тоа се потврдува дека не се бескорисни љубовта и трудот на целиот тим да одговори на барањата.

МАРИЛИ: Со кои авиокомпании и тур-оператори соработува ЕЛИТ ТРАВЕЛ ?
СТАМЕНКОВА: Нашата агенција поседува лиценца А со која сме овластени да издаваме авионски билети и да организираме хотелско сместување. Како агенција ИАТА, преку глобалниот систем „Амадеус“ за издавање авионски билети, може да работиме буквално со сите компании, односно да издаваме авионски билети. Во Македонија нашата агенција е застапник на шпанскиот тур-оператор „Хотелбедс ТУИ“, глобален агенциски систем за резервирање на хотелско сместување секаде во светот, како со различни партнери од целиот свет.

МАРИЛИ: Колку интересот за некое патување е поврзан со атрактивноста на дестинацијата, а колку зависи од цената на аранжманот?
СТАМЕНКОВА: Наша работа е која било атрактивна дестинација да ја доближиме до нашите клиенти. Тоа би значело дека секогаш постои голем интерес кај луѓето за атрактивноста што ја нуди одредена дестинација и наша задача е да им овозможиме таа да им биде подостапна. Раната организација на тие патувања најчесто овозможува цената на целокупниот аранжман да биде прифатлива, се разбира, во зависност од тоа за колку далечна дестинација станува збор.

МАРИЛИ: Што ќе биде хит оваа сезона, односно какво атрактивно патување ќе им понуди Вашата агенција на македонските граѓани?
СТАМЕНКОВА: Секоја сезона е атрактивна на свој начин, барем според нас и, се разбира, во зависност од тоа што го нудиме. Ова е малку тешко прашање бидејќи не можам да издвојам една дестинација што би била хит. За оваа сезона подготвуваме богата програма, на пример, пакет-аранжмани за посета на Грузија, Азербејџан, Јапонија и на Бразил. Секако, има уште многу дестинации што би сакале да ги опфатиме и да ги направиме подостапни за нашите граѓани. Последната понуда што ја обработуваме е многу интересна и атрактивна и за неа имаше голема заинтересираност кај клиентите. Станува збор за посета на градовите Лондон, Единбург и Даблин, главните градови на Англија, Шкотска и на Ирска.Оваа понуда е збогатена со посета на многу знаменитости, екскурзии и многу е пристапна, така што посетителите може да ја доживеат англосаксонската култура. Работиме понуди и за многу други светски дестинации, како што се Бали, Малдиви, Сејшелските Острови, Шпанија и шпанските острови, се разбира, тука се и Грција и нејзините острови и, секако, за оваа сезона на нашите клиенти ќе им презентираме и понуда за крстосување со најдобрите светски бродски компании околу Медитеранот, фјордовите, Карипските Острови и многу други што се дел од богатата програма за крстосувања.

МАРИЛИ: Вие сте една од десетте најуспешни жени менаџери за 2017 година. Што Ви значи ова престижно признание што го доделува агенцијата „Марили“?
СТАМЕНКОВА: За мене ова признание претставува обележје со кое ја заокружив 2017 година како една од моите поуспешни години. Јас го разбирам како трофеј на еден период од мојата кариера што ќе ми претставува голем стимул за понатаму.

МАРИЛИ: Што треба да поседува еден менаџер за да биде успешен, пред сѐ, лично, но да биде успешна и фирмата со која раководи? Кое е Вашето мото?
СТАМЕНКОВА: За успех на кое било поле во животот потребни се многу посветеност и љубов. Во мојата работа вложувам многу труд и со голема љубов, одговорност и исполнување на обврските во текот на денот го градам мојот успех. Се разбира, приватниот живот има големо влијание врз професионалниот. За секој што се занимава со приватен бизнис и работи во сопствена фирма еден од поважните фактори за успешно функционирање е поддршката од семејството. Имено, балансот меѓу здравиот и добар однос со семејството и со домашните и посветеноста на професионалното ја гради пирамидата на успехот на една жена. Моето мото е да одам напред, да истражувам и да учам нови работи и сето тоа да биде поткрепено со позитивна енергија и добра мисла. Во моето опкружување сакам да има позитивни и среќни луѓе, тие се единствени двигатели на мојот успешен професионален и исполнет приватен живот.

МАРИЛИ: Дејноста со која се занимавате е многу интересна, но бара и многу откажувања бидејќи е поврзана со многубројни и често долги отсуства од дома. Како успевате да ги усогласите професионалните обврски со приватните?
СТАМЕНКОВА: За усогласување на обврските е потребна само добра организација. Работите едноставно течат, а доброто планирање на сите обврски со точно определени цели дава добри резултати.